Македонските банки беа шампиони на берзата минатата година, движејќи го растот на индексот МБИ10 кон рекордни нивоа незапаметени уште од 2007 година, но годинава перформансите на нивните акции очигледно ќе бидат послаби, ако по утрото денот се познава. Имено, од почетокот на годинава, од седумте деловни банки чии акции котираат на Македонската берза, само три имаат раст, три имаат пад, додека со една акција нема ни трговија. Најдобар принос досега годинава има акцијата на „Стопанска банка – Битола“, 10 проценти, а најголем пад има „Стопанска банка – Скопје“, од исто така безмалку 10 проценти.
Во 2024 година акциите на македонските банки уриваа рекорди, па така, „Стопанска банка – Скопје“, „Комерцијална банка“ и „НЛБ банка“ се најдоа помеѓу десетте акции со најголем раст во регионот Адрија, со 125,6, 99,9 и 90,1 проценти раст, соодветно.
Перформансите на банкарскиот сектор во 2024 година имаа најголемо влијание врз движењето на МБИ10, само трите системски банки во државава прикажаа рекордни профити, од 191 милион евра вкупно, и нивните резултати ќе имаат најголемо влијание на индексот и годинава. Ние веќе пишувавме дека аналитичарите очекуваат банките да продолжат со добрите резултати и во 2025 година, но за нивните акции се изјаснија дека се веќе доста преценети.
Прочитај повеќе

Каматите остануваат високи, парите ќе ја задржат вредноста
Претставниците на банкарскиот сектор разменија мислења на конференцијата на „Блумберг Адрија“ во Белград
25.03.2025

Конкуренцијата притиска: Банките во трка по клиенти
Откако Народната банка почна да ја олабавува монетарната политика во септември 2024 година, деловните банки следствено почнаа да ги намалуваат каматните стапки за кредитите.
07.03.2025

Денари, евра, долари... Во што да се штеди во лоши геополитички услови?
Прв избор како најмалку ризично штедење треба да бидат денарот и еврото поради стабилниот девизен курс, политика што Народната банка успешно ја води.
26.02.2025

Кој купува акции во време на корекција на пазарите?
Минатата недела купуваа извршните директори на „Модерна“, „Американ експрес“...
19.03.2025

Министерот за финансии на САД не е загрижен за падот на берзите, корекциите ги нарекува здрави
Американскиот министер за финансии Скот Бесент рече дека не е загрижен за пазарите, иако минатата недела распродажба го доведе индексот S&P 500 во корекција.
17.03.2025

Член на надзорниот одбор на ЕЦБ бара помалку правила за банките
Властите ширум Европската унија треба да им помогнат на банките да станат поконкурентни, вели Санта Пургејл, член на Надзорниот одбор на ЕЦБ.
12.03.2025
„Цените на акциите на банките во Македонија значително ги надминаа европските и покажуваат повисоки вреднувања, ако се погледнат показателите P/B (price to book) и P/E (price to earnings). Очекуваме дека и во 2025 година банките ќе продолжат да остваруваат добри профити поради растечката кредитна активност и здравите портфолија, што ќе го одрази доброто расположение на банкарскиот сектор. Што се однесува до цените на акциите, сепак очекуваме поблаг раст во однос на остварениот во 2024 година, бидејќи вреднувањата сè уште се високи и го прават банкарскиот сектор скап и донекаде преценет за инвеститорите“, објасни пред извесно време аналитичарката на „Блумберг Адрија“ Марина Петров Савиќ.
Европските банки со пораст од 30 отсто за три месеци
Во меѓувреме, пак, европските банки чии акции важеа за потценети минатата година, сега растураат на пазарот. Од почетокот на 2025 година, нивните акции се во плус за околу 27 отсто, што ги прави најуспешен сектор во Европа, како што истакна Михаел Блажековиќ, шеф на аналитичкиот тим и пазарен аналитичар во „Блумберг Адрија“ на конференцијата „Трендови во финансиската и осигурителната индустрија во 2025 година“ (Finance & Insurance Industries Trends 2025), која се одржа во вторникот (25 март) во хотелот „Метропол палас“ во Белград.
Михаил Блажековиќ, шеф на аналитичкиот тим и пазарен аналитичар во „Блумберг Адрија“. Фото: Bloomberg Adria
„Имаме силен раст на кредитирањето, провизиите доживеаја бум, банките се сѐ попрофитабилни. Имаат многу ниско ниво на лоши пласмани, кое во Србија е 2,7 проценти, а во Европа е два процента. Да потсетиме дека порано беше и 10 проценти“.
Како што додаде тој, банкарскиот сектор го следат осигурителите и индустријата. „Особено е интересна индустријата, вклучувајќи ја и одбранбената индустрија, кога знаеме дека Европа најави милијарди инвестиции во одбранбениот сектор и кога на тоа ќе ја додадеме потенцијалната реконструкција на Украина, индустријалците би можеле да бидат еден од подобрите избори во 2025 година. Германија, се разбира, е лидер тука“.
Блажековиќ додава дека главен двигател на ваквото добро работење на банките е натпросечниот поврат на средствата (англ. return on equity – ROE) – двојно повисок од пред три години, како и нето-каматната маржа (англ. net interest margin – NIM), која е повисока за 0,5 процентни поени во истиот период. Исто така, многу ниското ниво на лоши пласмани (англ. non-performing loans – NPL) им овозможува на банките да вршат помали отписи одoшто претходните години.
„Кога ги гледаме геополитичките, макроекономските и на крајот фундаменталните основи, гледаме дека банките сè уште имаат простор за раст. Сите тие најавени инвестиции некој ќе мора да ги финансира, P/E е само 9х, иако ова е нешто повеќе од претходните години, додека P/B е на ниво од 1x. Во регионот Адрија банките што се котирани на берзите се нешто поскапи во просек, но сликата доста ја расипува Загрепската банка, чиј P/B е дури 3x, имајќи предвид дека акциите се покажаа добро во последните месеци, што не беше придружено со раст на средствата. Иако, консензус е дека банките нема да го надминат минатогодишниот раст на заработката годинава, додека за осигурителните компании се очекува раст од околу 10 проценти“.
Уште една причина за доброто работење, објаснува Блажековиќ, е и силниот раст на приходите од надоместоци и провизии. „Иако приходите од провизии сè уште се само една третина од приходите од камати, гледаме силен раст минатата година, поттикнат од растот на кредитите. Така, приходите од провизии во регионот Адрија пораснаа со двоцифрена стапка, но има простор за дополнителен раст на надоместоците и провизиите. Имено, кредитирањето во регионот Адрија расте со побрзо темпо одошто во ЕУ, одделни земји од регионот, како БиХ, Србија и Северна Македонија, не ни имаа инфлација на финансиските услуги како Хрватска и Словенија, па затоа очекуваме банките да ги зголемат цените на провизиите во регионот Адрија“.
Да потсетиме, трите најголеми македонски банки само од провизии и од надоместоци во 2024 година инкасирале 58,6 милиони евра, што е за 11,4 проценти повеќе одошто во 2023 година. Кај „НЛБ банка“ делот од приходите што го остварува од провизии и од надоместоци оди дури и до 25 проценти. И на ниво на целиот банкарски сектор во земјава, приходите од провизии и од надоместоци растат континуирано, па ако пред десет години, на крајот од 2015-та, изнесувале 68,8 милиони евра, на крајот од 2023-та биле веќе безмалку 107 милиони евра, или 56 проценти повеќе. За првите девет месеци од 2024 година овој износ за целиот банкарски сектор е 85 милиони евра, што е за 8,1 проценти повеќе во однос на истиот период во годината претходно.
Исто така, двигател на растот во регионот Адрија се и потрошувачките, односно ненаменските кредити, чиј раст е поттикнат најмногу од растот на платите, кои растат над просекот на другите земји од Централна и Источна Европа. „Така, платите во регионот номинално пораснаа за доста повеќе од 10 отсто, само во Словенија под пет отсто, имајќи предвид дека Словенија е на ниво 90 отсто од просекот на развој на ЕУ, така што не ни има поголем простор за раст на платите. Раст на платите имаме и во Србија, каде што номиналниот раст е 14 отсто“.
Ненаменските кредити го следат овој раст на платите и, според Блажековиќ, во 2025 година досега пораснале во просек за 11 отсто, што го припишуваме на поголемата побарувачка за непрехранбени производи, како што се автомобилите, што може да се види од податоците за продажбата на мало.
Што се однесува до инвестирањето во банките, вели тој, во просек во регионот Адрија, ако инвестирате во акции од банките, можете да постигнете трипати поголем принос на дивиденда отколку ако инвестирате во депозити во истите банки.
„Да, ризикот е поголем, но секако не е тројно поголем. Исто така, подобра опција од депозитите се народните обврзници, кои во просек нудат 1,8 п.п. повеќе од депозитите, но со оглед на тоа што нашиот регион е познат по инвестирање вишок средства во депозити и недвижен имот, тешко е да се очекува значително зголемување на побарувачката за акции на банки и народни обврзници“.