text size
Се ближи ли конечно денот кога приватните пензиски друштва од вториот, задолжителен пензиски столб ќе можат да инвестираат и во поризични финансиски инструменти? Според зборовите на Дарко Саздов, член на Советот на експерти на МАПАС, веројатно да. Имено, од Саздов добивме потврда дека во јули е формирана работна група составена од претставници на повеќе надлежни министерства, агенции и фондови, која во рок од шест месеци треба да го изготви конечното предлог-решение за промена на регулативата во делот на задолжителното приватно пензиско осигурување, односно вториот пензиски столб. Клучна промена ќе биде можноста приватните пензиски друштва да ги врзуваат инвестициите за животниот циклус, односно за помладите членови на фондовите средствата да се инвестираат во поризични хартии од вредност. Саздов на минатогодишната берзанска конференција во Охрид рече дека на воведување ваков модел веќе имаат работено со Светската банка и дека во иднина би требало одреден процент од средствата да може да се инвестира во акции од брзорастечки економии, во недвижности и во некои деривативни инструменти.