Глушец касна дете во центарот на Скопје затоа што ѓубрето низ градот одамна не се собира и метрополата навистина е претворена во депонија. Сето тоа се случува во време кога граѓаните треба да изберат нова локална власт и во време кога баш во Центар е продаден стан за над 3.000 евра за квадратен метар. Цената на становите упорно оди нагоре, а главно се плаќа со кеш. Анализираме од каде толку кеш.
Статистика објави дека просечната плата во земјава бележи раст од 10 отсто на годишно ниво, а растот се должи на зголемените плати во јавниот сектор. Анализиравме и дали тие што работат оддома би прифатиле помала плата. Пишувавме и за барањето на Илон Маск за зголемување на платата. Тој побара билион долари.
Прочитајте повеќе:
Кредитирањето расте - проверивме колкави се каматите на кредитите за домаќинствата
„Државно“ дигитално евро vs. „приватен“ дигитален долар: сѐ што треба да знаете
Трендови на пазарот на труд: Вложувањето во доедукација е најсигурна инвестиција
Во светот фокусот е на војната во Украина. Се интензивираат напорите за завршување на конфликтот, кој трае речиси колку и Втората светска војна. Европските лидери го поддржаа планот на Трамп за итен прекин на огнот на тековните борбени линии во Украина, но пропаднаа надежите дека ќе се случи нова средба со Путин. Напротив, Русија ги засилува нападите врз Украина, а Трамп се откажа од намерите за нов состанок затоа што не сака уште една „залудна средба“.
Тој отиде и чекор понатаму, воведе санкции за „Роснефт“ и „Лукоил“, двете руски компании што се најголеми производители на нафта и чии даноци учествуваат со 25 отсто во федералниот буџет на Русија. Кина и Индија, најголемите купувачи на руска нафта од почетокот на конфликтот, најавија намалување на набавките. А ЕУ им се придружи на САД, но работите на Стариот Континент се движат побавно.
Германскиот канцелар изјави дека очекува САД да ја ослободат германската единица на „Роснефт“ од санкции. Унијата сака да се „откачи“ од руските горива, но сѐ уште троши милијарди евра месечно за нив. ЕУ сака да ги користи и замрзнатите руски средства, но никој не се охрабрува да го стори тоа. Паралелно со воведувањето на новите санкции, цената на нафтата порасна.
Златото останува вест, прво затоа што група крадци прекуден, за седум минути, однесоа вреден накит од „Лувр“, но и поради тоа што цената на благородниот метал го доживеа најсилниот пад во последните четири години. Анализиравме и како ќе се движат цените на бакарот во следниот период.
Прочитајте повеќе:
Љубов со алгоритам: Дали четботот ќе ви ја пополни празнината?
Никола Саркози е првиот француски претседател што отиде в затвор
Во однос на царинските политики, неделава Трамп ги прекина трговските разговори со Канада затоа што една реклама го разгневи. Тој склучи договор за критични минерали со Австралија за да ѝ се спротивстави на Кина иако сѐ уште се надева на успешна средба со Шји, ако воопшто дојде до тоа. Американски адвокати пак тврдат дека царините на Трамп се нелегален данок од три билиони долари.
Почна новата НБА-сезона, за која велат дека никогаш не била поизедначена и поинтересна. Започнува и нова ера за најголемиот фудбалски клуб во светот — Реал Мадрид ја менува сопственичката структура. Тоа треба да биде мотив и за оние на кои капиталот им е потребен повеќе отколку нему. Финансиската стабилност во фудбалот не е секогаш онаква каква што човек би претпоставил, за што сведочи откриената измама вредна 500 милиони фунти.