Од утре се очекува опаѓање на температурите, а за денеска се прогнозира дека ова ќе биде најтоплиот ден од почетокот на најновиот топлотен бран. Август уште не е дојден, а уште колку топлотни бранови со невозможни температури нѐ очекуваат до крајот на летото веќе ни научниците не можат да предвидат.
Неделата почна со турбуленции на пазарите поради стравот дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе го смени првиот човек на Фед, Џером Пауел. Трамп како Трамп, до вчера се пишмани и кажа дека нема причина за разрешување на Пауел, но дека каматите треба да паднат.
Очекувано, неделава не паднаа ниту каматите во еврозоната. ЕЦБ ќе го чека ефектот од царините на Трамп, тогаш кога ќе стапат во сила, а овој пат тоа е најавено за 1 август. Експертите предупредуваат дека, без оглед на тоа кога ќе стапат во сила, можат да предизвикаат потреси на берзите, кои во моментов уриваат рекорди.
Прочитајте повеќе:
За пет години Македонците купиле станови во Грција за над 50 милиони евра
Колку се исплати купување стан во Грција?
Во земјава неделава беше објавено дека просечната нето-плата урна уште еден рекорд и цврсто чекори кон 46.000 денари. Растот на годишно ниво изнесува 11 отсто, објави статистика.
Ќе растат и пензиите повторно. Поминаа уште едни измени на законот со кои се овозможува пензионерите да добијат линеарно зголемување на примањата од 1.000 денари наесен, пред локалните избори во октомври, и уште толку напролет. Анализиравме и дека ваквите потези за две години ќе нè чинат две милијарди евра.
Проверивме каква е состојбата со македонските обврзници. Податоците покажуваат дека има смена на врвот на листата со финансиските институции што инвестираат во македонските обврзници, сега „Блекрок“ е најголемиот кредитор на земјава.
Објавивме дека по 11 години од лансирањето на „Епл пеј“ (Apple Pay), услугата конечно ќе биде достапна и за корисниците на македонски платежни картички. Пишувавме и за смените на директорските позиции во НЛБ, како и за намерата на гувернерот да го актуализира прашањето за личен банкрот.
Прочитајте повеќе:
Долгот на САД и силата на американскиот долар. Кои се ризиците?
ББА-анализа: Како ќе се движи цената на златото до крајот на годината?
На Вардар засега добро му оди во УЕФА Конференциската лига, завчера пред речиси празни трибини победи со 2:1. Ако продолжи по европскиот пат, можеби ќе игра и пред побројна публика, а можеби клубот ќе почне да продава и сезонски билети. Од земјите во регионот, само во Македонија не се продаваат такви билети затоа што нема интерес.
Клубовите од земјите во регионот можат да живеат и од продажба на таленти, последниот трансфер што го направи Црвена звезда со младиот Максимовиќ е вистински доказ за тоа.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...