text size
Фудбалот останува во фокусот и по завршувањето на Мундијалот. Но неделава главни ѕвезди не беа фудбалерите, туку првиот човек на светската фудбалска организација Џани Инфантино. Имено, тој во име на ФИФА реши да го отвори Мундијалот за приватниот капитал, конкретно за американска фирма на семејството Кушнер. Дали ќе успее, останува неизвесно откако УЕФА порача дека фудбалот не е на продажба и најави бојкот на Светското првенство ако продолжат бизнис-плановите на Инфантино. И ЕУ предупреди дека инвестицискиот план на ФИФА може да предизвика загриженост за конкуренцијата.
Прочитајте повеќе:
Некогаш 50 натпревари беа премногу, денес ни 70 никого не изненадуваат
По „Опен еј -ај“, и моделите за ВИ на „Антропик“ излегоа од контрола и хакираа три организации за време на тестирањата. Испадите предизвикуваат загриженост кај вработените во технолошките гиганти. Тие подготвуваат петиција со која бараат владата на САД да помогне во контролата на ВИ затоа што компаниите не можат сами.
Во меѓувреме, инвеститорите ѝ се вратија на вештачката интелигенција, цената на нафтата паѓа откако Трамп кажа дека има добри изгледи за договор со Иран, а двете завојувани страни се воздржуваат од напади. Американскиот претседател соопшти и дека е постигнат договор за разоружување на Хамас.
Неделава кинеската конкуренција ги урна акциите на чип-компаниите, а кинескиот производител на чипови „Чангшјин МТ“ скокна 466 отсто на дебито по рекордното ИПО.
Периодот на објавување полугодишни финансиски извештаи е во полн ек. Две од најголемите македонски банки објавија пад на добивката. Кај фармацевтскиот сектор растот продолжува.
Анализиравме зошто помалата квадратура стана највредна на пазарот на недвижности и што можете да направите со 30.000 евра, со оглед на тоа што тие пари не се ни приближно доволни за купување стан. Ви откривме и како да знаете дали портфолиото ви е премногу ризично.
Пишувавме и за тоа колку е оправдано воведувањето на капитално финансираното пензиско осигурување и што ќе биде со парите од личните сметки на идните пензионери во случај на реформа на пензискиот систем.
Прочитајте повеќе:
Климатските промени и натаму прават пустош. Над 300.000 луѓе ги напуштија своите домови поради пожарите во Франција и Шпанија, каде што се најавува и економска помош за ублажување на последиците, кои се сериозен економски товар за овие земји.
Растат и ризиците на електроенергетските системи затоа што третина од Американците се „топат“ на високите температури. Сепак, некој има и корист во оваа ситуација, топлотните бранови во Европа ја зголемија побарувачката за сладолед.