Неделата ја обележи распродажба на берзите. Паѓаа акциите, основните метали, благородните метали. Стравот од вештачката интелигенција збриша билион долари од технолошките акции. Во услови кога хардверот го победува софтверот, за првиот човек на „Енвидија“ ваквата желба за извлекување од софтверските акции е нелогична.
Биткоинот падна на најниско ниво од победата на Трамп, за една недела беа избришани речиси 500 милијарди долари од вредноста на биткоинот, а пазарот се соочува со „криза на довербата“. Познат стратег предупредува дека падот на биткоинот ќе предизвика верижни ефекти, а ние анализиравме каде е дното.
Среброто нагло потона за околу 17 отсто, надолен тренд имаше и златото, па, оттука, се поставува прашањето дали е сега најдобро време за купување. Трговците со метали изгубија најмалку 144 милиони долари по бегството на Шапката од Кина, а „Рио Тинто“ се повлече од обидот за создавање рударски гигант.
Во вакво невреме инвеститорите бараат засолништа од падот на ризичните средства, па американските обврзници растат, а Илон Маск објави спојување на „Спејс екс“ со „Екс еј-ај“, компанијата ќе вреди 1,25 билион долари.
Прочитајте повеќе:
Како да инвестирате во „Спејс екс“ пред очекуваната котација на берза?
Освен берзите, се тресат и многу моќници, сегашни и поранешни, кралски семејства – сите дел од најновите документи за педофилот Епстајн што ги објави американското Министерство за правда. Меѓу најновите истраги што се најавени се тие против директорот на Светскиот економски форум, кој бил гостин кај Епстајн, како и против финансиските директори Стели и Блек, кои се соочуваат со сексуални обвинувања. По ескалацијата на настаните, Клинтонови се премислија, ќе сведочат во истрагата за Епстајн во Конгресот.
Од другите настани, неделава „Блумберг“ објави дека ЕУ им нуди партнерство за критични минерали на САД за да ѝ се спротивстават на Кина и го одмрзна трговскиот договор со САД по пресвртот на Трамп за Гренланд. Трамп, пак, постигна трговски договор со Моди, според кој царините кон Индија се намалуваат на 18 проценти.
Прочитајте повеќе:
Во банките чуваме рекордни 10,7 милијарди евра иако инфлацијата ги „јаде“ каматите
Македонија јубилејни 30 години го одложува данокот на депозитите: До каде сме?
Трамп влегува во нов подвиг во потрагата по ретки метали, сега ги забрзува постапките за добивање дозволи за копање во длабочините на морските води. Екологистите предупредуваат дека штетата може да биде непроценлива затоа што дури и Месечната е подобро истражена од морското дно.
„Дојче телеком“ и „Енвидија“ во Минхен отворија еден од најголемите центри за податоци во Европа – ова е една од поволните вести за германската економија, нашиот најголем трговски партнер. Анализираме колкава корист ќе има од тоа македонскиот извоз.
Прочитајте повеќе:
Алекс Фергусон веќе не е возможен, бизнисот ја промени улогата на тренерите
Филмот за Меланија: Скапа стратешка лиценца со неочекувано силно отворање
На страната на увозот, пак, лани од Германија во земјава е внесен „мерцедес“ што, според податоците на Царинската управа, е најскапиот автомобил што е увезен во земјава во 2025 година. И тоа не е некоја вест, затоа што најскапиот автомобил лани беше уште поскап. Но вест е дека „мерцедесот“ во земјава е царинет на сума од 650.000 евра, а во Германија чини околу милион евра. На другата страна на медалот е социјалата – државата годинава ги скрати парите за ранливите категории за над 36 милиони евра.
Почнаа Зимските олимписки игри во Италија, а ние ви нудиме водич за луксузно сместување во Милано за време на настанот. Игрите нема да поминат без проблем, овој пат сенка фрла истрагата на ЕУ за картел во скијачката индустрија.