Примирјето меѓу Израел и Либан продолжува уште три недели, а и тензиите во Ормускиот Теснец исто така. Иако начелно и ова примирје е продолжено, додека преговорите остануваат заглавени. Неделава имаше пресретнување танкери, па запленување. Ирански вооружени чамци се закануваа, а Трамп нареди да се потопат сите бродови што поставуваат мини во Ормускиот Теснец.
Единствени добитници од кризата на Блискиот Исток засега се големите нафтени гиганти. Анализиравме кои се тие и како се приспособува побарувачката за нафта на новата криза. Сепак, најголемите трговци со нафта предупредуваат дека најлошото допрва доаѓа. Затоа и ЕУ излезе со нови енергетски мерки поради војната со Иран.
Особено е лоша состојбата во авиосообраќајот. „Луфтханза“ ќе откаже 20.000 летни летови поради скапото гориво, а состојбата во земјава засега е под контрола. Војната на Трамп предизвикува криза со хелиум, „невидливата“ суровина без која нема производство на чипови. Поскапуваат и чоколадите „дубаи“ поради скапите ф’стаци, но недвижностите во Дубаи поевтинуваат за првпат по инвестицискиот бум.
Прочитајте повеќе:
Македонските камионџии губат тури, странци им го земаат бизнисот
Сонцето ќе ја штити Европа од летен струен удар
Како да живеете од дивиденда во Македонија?
Зголемената неизвесност на пазарите ќе доведе до тоа централните банки да имаат потреба од повеќе податоци при носењето на идните одлуки, вели претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард. Фед, пак, има и поинакви проблеми. Предлогот на Трамп за иден гувернер на сослушувањето покажа дека нема да работи по диктат на претседателот, но не покажа какви му се плановите околу каматните стапки. Анализиравме и како драмата на Трамп со Фед може да му се врати како бумеранг и да го задржи Пауел на чело.
Од корпорациските вести неделава издвоивме: Тим Кук се повлекува, „Епл“ добива нов извршен директор. Пред најголемото банкарско преземање во Европа се води борба без ракавици. „Дојче телеком“ размислува за целосно спојување со американскиот „Т-мобајл“. „Тесла“ вложува над 25 милијарди долари во ВИ и роботи. „Спејс екс“ подготвува преземање „тешко“ 60 милијарди долари. „Амазон“ ќе инвестира дополнителни 5 милијарди долари во „Антропик“ додека моделот Митос предизвикува загриженост низ цел свет. Вработените во „Мета“ обучуваат ВИ-модели што ќе им ја земат работата, додека компанијата најавува отпуштање на 10 проценти од вработените за да се зголеми ефикасноста. Анализиравме што стои зад бранот откази во ИТ-секторот.
Прочитајте повеќе:
Најбогатиот Украинец платил половина милијарда долари за стан во Монако
Дали Светското првенство стана грабеж? Цените на билетите, возовите и хотелите до плафон
Како да се постават здрави граници кога домот станува канцеларија?
Во земјава, според Статистика, просечната плата во февруари се зголемила за 7,2 отсто на годишно ниво, но два месеца по ред таа се намалува. За да нема турбуленции на пазарот со храна, во пресрет на новата сезона Владата ги ограничи маржите за вештачките ѓубрива со цел да се заштитат земјоделците.
Во овие неизвесни времиња, парите за државите од Западен Балкан, ЕУ ги услови со испорачување на бараните реформи, па затоа анализиравме дали може преку кинески обврзници да се финансира македонскиот јавен долг. Објавивме и дека „Македонијатурист“ ги продава хотелите „Бристол“ и „Јадран“ и купува градежна парцела во Лисиче за 17,7 милиони евра.
На изборите во Бугарија, очекувано, победи Румен Радев, па сега ЕУ стравува дека доби бугарски Орбан. Унгарија, пак, го тргна ветото и Украина добива заем од 90 милијарди евра од ЕУ откако претходно нафтоводот „Дружба“ продолжи со работа.