Уште првото утро од Новата година донесе лоши вести. Она што во земјава се случи во март и ја обележи цела 2025 година, Швајцарија ја потресе на новогодишното утро. Во бар во монденското одморалиште Кран-Монтана изби пожар и загинаа десетици лица, а над 100 се повредени.
Добро утро, ова е првиот неделен преглед во 2026 година.
Растот на берзите што ја обележи минатата година, продолжува главно поради технолошките акции. Волстрит прогнозира дека растот ќе продолжи и годинава.
И европските акции имаа добра година, веројатно најдобра по 2021 година, но во моментов се мирни во исчекување на резултатот од преговорите за завршување на војната во Украина. И акциите на европските банки имаа одлична година, а губитниците се „Ново“ и „Пума“.
Прочитајте повеќе:
Блумберг Адрија топ 25: Компании што ја обележаа 2025 година
Пазар на трудот 2026: Високи очекувања за ниски стапки на невработеност
Каква судбина го чека биткоинот во 2026-та?
2025 година беше година и на суровините. Алуминиумот достигна 3.000 долари за прв пат од 2022 поради загриженост за понудата. Бакарот урна повеќе рекорди – забележа најголем годишен раст од 2009 година и најдолг раст од 2017 година.
Цената на среброто скокна над 80 долари во историскиот раст на крајот од годината, а на крајот на годината златото се сопна.
Нафтата и натаму ги чека ефектите од преговорите за Украина, а земјоделските суровини паѓаат.
Анализираме зошто овие суровини поевтинуваат, а цените не се пресликуваат во продавниците. Храната останува скапа и е главен двигател на инфлацијата во Македонија. Од нејзиното движење ќе зависи и дали ќе паѓаат каматите.
Нашиот аналитички тим прогнозира дека и годинава инфлацијата ќе биде на исто ниво како лани, околу 4 отсто, а растот на БДП под три отсто. Анализиравме и дали НБРМ ќе успее да ги натера домашните банки позначително да ги намалат надоместоците и провизиите.
Прочитајте повеќе:
Спортската 2026 година ќе биде луда: седум бизнис-приказни што не треба да ги пропуштите
Саудијците купија внимание, сега мора да докажат дека нивниот модел функционира
Кинеската економија најверојатно ја исполни целта за раст од 5 отсто во 2025 година, а кинеските компании имаат и рекорден удел на европскиот пазар на електрични возила. За разлика од нив, американската „Тесла“ ја затвори 2025 година со стрмен пад на продажбата во Европа.
Годината почна со уште едно предомислување на Трамп. Не се зголемија царините за дрво и мебел, а директорот на Банката на Америка смета дека годинава американскиот претседател ќе ги намали царинските притисоци.
Она за што Трамп не се предомислува е дека сака да го смени првиот човек на Фед за побрзо и посилно да се намалат основите камати во САД.
Продолжуваат преговорите за мир во Украина. Неделата почна со оптимистички вести, а потоа дојде веста за наводен напад врз резиденцијата на Путин што ја разниша надежта за мировен договор. Во случај на мир, ние анализиравме што би изгубила Украина. Во меѓувреме, српски НИС доби продолжување на лиценцата, а танкери натоварени со руска нафта испловија кон индиската рафинерија на „Рилајанс“.
Ни претстои уште една празнична недела. Искористете ја за добар филм или книга. Ако решите да патувате на скијање во Бугарија, сетете се дека земјата го воведе еврото.