„Ќе можеме да направиме нешто за заштита на климата само ако имаме конкурентен производствен сектор“, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц непосредно пред Европската комисија да го направи најголемото повлекување од зелената агенда. Моторите со внатрешно согорување ќе се произведуваат и по 2035 година.
Покрај тоа, ЕУ значително ги олеснува и правилата за одржливоста. По ваквите одлуки, еден од најдобрите фондови од еврозоната објави дека автомобилите се новите банки, а американскиот „Форд“ откажа договор за батерии за електрични возила вреден 6,5 милијарди долари.
Прочитајте повеќе:
Бјорн Габриел (ЕИБ): Македонија е меѓу регионалните предводници во зелената транзиција
Бугарија ја размрда нуклеарката „Козлодуј“, во Македонија има забрани
И лотаријата за зелена карта за САД е под рачна. Американскиот претседател Трамп одлучи да ја прекине затоа што истрагата покажа дека лицето што го изврши нападот врз универзитетот „Браун“ за време на викендот во САД влегло преку лотаријата. Аплицирањето за истата карта за тие што ќе платат милион долари останува.
На пазарите, златото расте кон рекорд додека трговците ги следат случувањата во САД и Венецуела, но и поради облозите за намалување на каматните стапки во САД. Долгогодишните инвеститори продаваат биткоини, што го погодува криптопазарот. Акциите на „Мета Екс“ скокнаа 693 отсто по рекордниот интерес при излегувањето на берза, а акцијата на „Абивакс“ е новата европска ѕвезда, со раст од 1.300 отсто. ВИ-стартапот „Митик“ собра 125 милиони долари за да ѝ конкурира на „Енвидија“. „Насдак“ побара одобрение од Комисијата за хартии од вредност на САД за 23-часовно тргување, а ЕЦБ повторно ги остави каматните стапки непроменети, прогнозите одат во правец на тоа дека следната година е можно повторно зголемување на основните камати.
Анализиравме зошто „Епл“ инвестира поинаку од другите од величествената седумка, како ќе се движат цените на природниот гас, кои пет европски биотехнолошки акции треба да се следат во 2026 година и како романската берза ги победи најсилните глобални индекси. Ви откривме и што се тоа пазари на предвидување.
Прочитајте повеќе:
Дали иселениците купуваат - расте продажбата на станови во помалите градови
Пресметавме колку губи македонскиот буџет поради рамниот данок
Живот од дивиденда: Скапа финансиска грешка што се продава како врвна слобода
По реакциите на јавноста во Србија, зетот на Трамп, Џаред Кушнер, се откажа од изградбата на хотел на местото на Генералштабот на ЈНА во Белград. Веднаш потоа стигна веста дека тој се откажа и од битката за преземање на „Ворнер Брос“.
Но Кушнер не се откажува од преговорите со Русија и Украина за завршување на војната. САД се обврзуваат на безбедносни гаранции за Киев по примерот на членот 5 на НАТО, а за територијата сѐ уште се разговара.
Во меѓувреме, еврокомесарката Каја Калас им посака „среќа“ на САД во обидот да го придобијат Путин на преговарачката маса, а ЕУ не постигна договор за користење на замрзнатите руски средства, па ќе користи заеднички обврзници за заем на Украина од 90 милијарди евра.
Анализите, пак, покажуваат дека Русија ќе плаќа за својата војна против Украина уште долго откако ќе заврши, а руската нафта е најевтина од почетокот на војната поради притисокот од Западот.
Неделата ја обележи смртоносниот напад на плажа во Сиднеј за време на прослава на еврејски празник, во кој животот го загубија 15 лица. Херој на денот беше Ахмед, човекот што го разоружи напаѓачот и доби пофалби од Трамп и Акман.