Најдобро ќе беше да имаше копче за исклучување и вклучување на РЕК Битола по потреба, ама такво копче нема. Затоа копчето ќе работи за фотонапонските централи, елдорадото со кое толку многу се фалевме во последните три години како да изгоре од сонцето. Вишокот струја нема кој да го купи и за да не падне системот и да не се случи блекаут како во Шпанија и во Португалија, до октомври државата по потреба ќе ги исклучува сончевите електроцентрали.
Големото производство во сончевите денови ги турка и цените на струјата, па таа оди и во минус. Сето ова значи дека повратот на средствата вложени во фотоволтаиците ќе биде бавен. Нема бенефиции ни за потрошувачите од ниските цени на струјата, затоа што базната струја од РЕК Битола и натаму е скапа, а незаменлива.
Прочитајте повеќе:
Многу пари, малку готови патишта
Зошто евтината нафта ги радува увозниците, а ги загрижува извозниците
На другата страна на светот, во САД, американскиот претседател Доналд Трамп одбележа сто дена од својот втор мандат. Додека светот живее во магла од неговата тактика „заплаши-почни-застани“, самодовербата му расте, а популарноста му опаѓа на домашен терен. Исто како и американското БДП. Сепак, успеа да потпише договор за украинските природни ресурси иако војната продолжува, а Кина, по барање на САД, сугерира дека е подготвена на преговори за царините.
Царините на Трамп ги обликуваат и финансиските извештаи на компаниите за првиот квартал од 2025 година. Автомобилските компании ги намалуваат трошоците, иако се навестува дека американскиот лидер може да попушти и во овој случај.
Најголемиот европски авиопревозник „Луфтханза“ регистрира приспособена загуба пред камати и даноци од 722 милиони евра за првите три месеци, а не објави дека поради трговската војна има ограничен увид на можните случувања за втората половина од годината.
Прочитајте повеќе:
Три клучни предизвици за Македонија од разгорувањето на трговската војна
И македонските инвестициски фондови „ранети“ во царинската војна на Трамп
Тежок удар доживува и луксузот – „Луј Витон“ поскапува, продажбата на „Гучи“ опаѓа. Акциите на „Енвидија“ паднаа за повеќе од 20 проценти годинава.
Американскиот индекс S&P 500 од почетокот на годинава веќе изгуби шест проценти. Анализиравме дали го допре дното или падот ќе продолжи поради глобалната неизвесност.
Има и такви на кои во првиот квартал добро им одеше во вакви услови, „Мета“ и „Мајкрософт“ ги надминаа прогнозите, тргувањето на „Дојче банк“ достигна рекорд среде пазарна нестабилност, а швајцарската фармацевтска компанија „Новартис“ дури и ги зголеми и своите прогнози за целата година.
Прочитајте повеќе:
Војна на производителите на спортска опрема во Формула 1: Мекларен договори соработка со „Пума“
Тарифите главоболка во трката на најголемите: Верба во „Адидас“, претпазливост за „Најк“
Го одбележавме и Први мај, Денот на труд, главно со скара, но и со протест за достоинствени плати. Ги анализиравме и каматните стапки. НБРМ објави дека паѓаат каматите на кредитите и растат на депозитите.
Неделата почна со впечатоците од погребот на папата Франциск, кој се одржа минатиот викенд и каде што главна ѕвезда беше повторно Доналд Трамп. Присуството во Ватикан сите сакаа да го искористат за средба со него. А ние анализиравме дали на конклавата, која ќе почне следната недела, ќе биде избран папа што ќе личи токму на Трамп.