Неделава Министерството за финансии успешно се задолжи со милијарда евра. Ова е 10-та еврообврзница што е издадена во две транши од по 500 милиони евра, со рок на достасување од четири години и од осум години.
„Фактот дека Министерството успеа да пласира осумгодишна обврзница дополнително говори за довербата во реформските планови на Министерството за финансии и Владата, имајќи предвид дека последен пат вакво достасување беше постигнато пред повеќе од дваесет години“, соопшти Министерството.
Народната банка, пак, соопшти дека растот на цените на становите не забавува. И во последниот квартал од минатата година недвижностите поскапеле за 25 отсто. Скапите станови се причина младите луѓе сѐ подолго да остануваат во родителскиот дом. Од европските земји, само Црногорците живеат подолго со мама и тато од Македонците.
Становите поскапуваат и во Европа, но ЕУ има план како да се бори со цените, а кај нас пресметките покажуваат дека стан без кредит нема. Пресметавме како стареењето на нацијата може да влијае врз каматите.
Прочитајте повеќе:
Климатските промени удираат по цените на имотите – во Македонија за жал, ништо
Македонците сѐ повеќе користат банкарски сефови – слободни речиси нема
Кога работниот ден нема крај - која е скриената цена на работа од далечина
Во текот на оваа година ќе поскапуваат и електронските уреди. Причина е вештачката интелигенција. Производителите на меморија продаваат обемни количества на технолошките гиганти и на пазарот има недостиг што ќе падне на товар на купувачите.
Растат и европските акции, и тоа најмногу во последната декада. Петте најголеми банки на Волстрит остварија рекордни 134 милијарди долари од тргување, а директорите се уверени дека ова е само почеток. Трговците пак се подготвени за доктрината „Донро“ што ќе ги поттикне пазарите во 2026 година.
Трендот на раст важи и за златото и среброто, а загриженоста за снабдувањето го поскапува и бакарот. Нашите аналитичари прогнозираа како ќе се движат цените на бакарот, алуминиумот и железото во 2026 година, но и на какаото и кафето.
Том Ли предвидува дека биткоинот ќе достигне 200.000 долари до крајот на јануари, а ви ги пренесовме и петте лекции за инвестирање од Пророкот од Омаха, кој дефинитивно оди во пензија.
Прочитајте повеќе:
Зимските олимписки игри како инвестиција: Може ли организацијата да се исплати?
Акциите на „Адидас“, „Најк“ и „Пума“ се далеку од врвот: Можност или стапица?
Потезите на Трамп и натаму ги обликуваат геополитичките движења. Најновата тема е Гренланд. Данска е во дипломатска офанзива за да го одбрани островот, а Германија ја предводи воената мисија таму откако не произлезе ништо од клучниот состанок во Белата куќа.
Продолжува и битката на Трамп со првиот човек на Фед, Џером Пауел. Федералните резерви добија судски покани од Министерството за правда, а Пауел, кој доби силна поддршка од гувернерите на централните банки низ светот, вети истрајност.
Трамп му се закани и на Иран, каде што расте бројот на жртви на протестите, а откри и кој го кочи завршување на војната во Украина.
Американскиот претседател неделава го доби и многу посакуваниот Нобелов медал. Марија Карина Мачадо, добитничката на Нобеловата награда за мир и лидерка на опозицијата во Венецуела, му го подари медалот на Трамп и ја остави Норвешка без зборови. Мачадо му го даде медалот иако, засега, не е вклучена во водењето на Венецуела по соборувањето на Мадуро.